Успешно започна реализацијата на проектот со срeдните училишта од Србија и Хрватска

IMG_2348

Од 19.12.2016 до 23.12.2016 година нашето училиште активно се вклучи во реализацијата на проектот со средните електротехнички училишта: „Руѓер Бошковиќ“- Винковци, Р Хрватска и „Михајло Пупин“ – Нови Сад, Р  Србија.

Имено, група од 5 ученици (Кире Петковски, Леонардо Куневски, Андреј Трајковски, Милена Кукољ од III-3 клас и Џесика Јовановска III-1 клас) под менторство на професорите Лидија Буровска и Билјана Пејовска го посетија средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ – Нови Сад, Р Србија и учествуваа во реализацијата на првата фаза од заедничкиот проект на тема: „Компаративна анализа на енергатската ефикасност во училиштата“.

        Во рамките на проектот беа реализирани неколку предавања („Енергетска ефикасност и енергетски класи“, „Топлински губитоци кај фотонапонските електрани и ветрогенераторите“, „Развојни системи Raspberry Pi и Arduino во ЕЕ“, „PLC микроконтролери“, „Електронски отпад и рециклажа“, „Паметни инсталации“), практични вежби (мерења и анализа на соларни ќелии,  ефикасност на 5 видови на светилки, поврзување на соларни ќелии, соларни куфери и модел на количка на водород) како и посета на компанија (компанија „Blagojević-KB“, овластен увозник и дистрибутер на компанијата „Philips“).

     Исто така, во попладневните часови учениците имаа можност да се запознаат со позначајните знаменитости на градот Нови Сад преку посета на централното градско подрачје, Петроварадинската тврдина, Сремски Карловац – посета на Карловачката гимназија и еколошкиот центар Радиловиќ.